Игор Фјодорович Стравински (1882-1971) е еден од моите омилени композитори. За неговиот живот и неговото творештво би можела да пишувам со денови, дури еднаш мислев да напишам приказна во неколку продолженија. Но во стилот на моите досегашни музички приказни – една кратка и интересна приказна за неговото (можеби) најпознато дело „Посветување на пролетта“.
Во 1913 година, кога е праизведен балетот „Посветување на пролетта“, Стравински веќе бил познат и признаен. По успехот на првите два балета „Жар-птица“ и „Петрушка“, публиката со нетрпение ја чекала новата музика на Стравински, оживеана со балетскиот ансамбл на славниот Сергеј Дјагиљев (1872-1929, патрон, импресарио и основач на рускиот балет).
Премиерата се одржала во Париз, тогашната мека на музичкиот и балетскиот живот во Европа. Дејството на балетот е сместено во срцето на природата, меѓу луѓето чии пагански ритуали на примитивен начин се поврзани со митските традиции. Во него се слави обновата на Земјината снага и нејзината плодност преку будењето на природата. Стравински храбро ја опишал пролетта, користел сосема нов музички јазик – големи динамички амплитуди, хоризонтална полиритмика, необични хармонии, дисонанци што тогаш звучеле сурово, теми што се мешале една со друга и навлегувале една во друга.
Иако користел и архаизми – пентатоника и стари тоналитети – музиката звучела авангардно.
Таква, била претешка за публиката и ги надминала можностите на слушателите за прифаќање на таквиот музички израз. Смелата кореографија на Вацлав Нижински (1889-1950) само го истакнала чувството на збунетост кај публиката, зашто танцот повеќе личел на ритуален обред, отколку на балет. Сѐ на сѐ, премиерата поминала лошо. Критичарите, неподготвени за револуционерноста на ова дело (ремек-дело!), го нарекле балетот „Масакр на пролетта“. Станува збор за игра на зборови – францускиот наслов гласи „Л сакр ду прентан“ (Le Sacre du Printemps), па оттука доаѓа масакрот (масакр, наместо л сакр).
Долго време било потребно „Посветувањето на пролетта“ да го добие заслуженото почесно место во историјата на музиката. Музичкиот јазик, кој тогаш звучел дрско, всушност е основа на сѐ што значи современа музика.
Лада Шоптрајанова Петровска