За време на Катерина Велика, вакцинацијата вклучувала изложување на луѓето на самиот вирус. Лекарите правеле засек во раката на здрава личност и вметнувале парче ткаенина натопена во гној на заразено лице. Благодарение на овој примитивен метод на вакцинација, луѓето се разболувале, но ризикот од смрт бил 20 пати помал отколку кога природно ќе се заразеле
Портретот на руската царица Катерина Втора, насликан од Дмитриј Левицки, е продаден на аукција во Лондон за 1,26 милиони долари, заедно со писмо напишано до грофот Петар Румјанцев во кое апелира за потреба од вакцинација против голема сипаница.
Писмото кое датира од 20 април 1787 година, се смета за првиот познат документ со кој се апелира за вакцинација во Русија.
Портретот и писмото биле дел од приватна колекција, а аукциската куќа „Мекдугал“, која ја потврдила автентичноста на писмото и потписот, не го објавила името на новиот сопственик.
Во писмото, Катерина Втора го повика Румјанцев, висок генерал на руската армија, да организира масовна вакцинација за да се избегне „голема штета, особено за обичните луѓе“, а вакцинацијата ја нарекла „важна институција“, пренесе „Раша тудеј“.
Познато е дека Катерина Втора била првата личност во Русија која била вакцинирана против сипаници во 1768 година, а набргу потоа го вакцинирала и својот син.
За време на владеењето на Катерина Велика, вакцинацијата вклучувала изложување на луѓето на самиот вирус. Лекарите правеле засек во раката на здрава личност и вметнувале парче ткаенина натопена во гној на заразено лице. Благодарение на овој примитивен метод на вакцинација, луѓето се разболувале, но ризикот од смрт бил 20 пати помал отколку кога природно ќе се заразеле. Овој метод повеќе не се користи денес.
Катерина Велика е жената со најдолго владеење во Русија, која остана запаметена по обновувањето и модернизацијата на земјата, која ја претвори во една од водечките сили во Европа.
Кога Луј 15, владетелот на Франција, умрел од сипаници во 1774 година, Катерина Велика, наводно, рекла дека „варварство“ е да се умре од болест, кога живееш во просветениот 18 век, пишува „Москва тајмс“.
– Искрено се надевам дека еден ден, можеби во блиска иднина, ќе можеме да кажеме: „Какво варварство е да се умре од Ковид во 21 век“ – рекла Екатерина Мекдугал, една од директорките на аукциската куќа и руски експерт за уметност на прес-конференцијата.