Од светското кино
Филмот е заснован на бестселерот на француската новинарка Флоренс Обенас, „Ле куаи де уистреам“, во кој авторката ги истражува зголемената неизвесност и несигурност во француското општество, преку нејзините искуства во северниот пристаништен град Каен. Писателот и режисер Емануел Карер ја реализира оваа сериозна драма за сиромаштијата и за сивата економија, во која главната улога ја толкува славната Жулиет Бинош.
Францускиот бестселер од 2010 година, всушност, ги опишува искуствата на Флоренс и работењето во бруталниот свет, со мизерна плата и во ужасни услови за работа. Карер успева да создаде драма во која Обенас е центарот на замислената галерија на храбри работници – нејзините нови најдобри пријатели. Вистинската драматична криза доаѓа со ужасната дилема на Обенас, кога таа мора да им признае дека ги користи нивните животи како материјал за нејзината книга што ќе ја напише штом ќе се врати на својот богат и модерен живот во Париз. Некои нејзини пријатели ќе ѝ простат кога ќе видат колку е важна нејзината книга, некои не. Сепак, ликот на Бинош никогаш не рефлектира дека доживеаното искуство од ваква работа е брутално поради сознанието дека тајниот новинар може да се врати во удобен живот. Филмот во фокусот ја има драмата на новинарот, како и неправдата на експлоататорските практики на вработување.
Емануел Карер го отвора филмот кон повеќе емпатична и мелодраматична област, избор што има свои добри наративни причини, но што би можело да биде дискутабилно, бидејќи генерира малку вештачка природа во рамките на тоа што генерално е вистинито. Режисерот потпишува игран филм што претставува една важна тема за широката публика.