Долго се верувало дека Валсот бр. 2 на Дмитри Шостакович (1906-1975) е дел од Џез-свитата бр. 2 (од 1938), изгубена за време на Втората светска војна. Но ненадејното откритие на клавирската партитура во 1999 година укажува на тоа дека овој валцер не припаѓа таму. Тој е всушност (најверојатно) дел од осумставачната Свита за оркестар, своевидна колекција на „рециклирана“ музика од други негови композиции, главно оперска и филмска музика. Валцерот така и дејствува, како да е напишан за филм, па не случајно, како и многу други композиции на Шостакович, филмаџиите со задоволство го вметнувале во своите остварувања. Овој валцер се појавува во 10 филма и 6 серии, особено по најголемата слава, која во поново време ја стекнува со „Очи ширум затворени“ на Стенли Кјубрик. И филмот е од истата, 1999 година. Чудна коинциденција, случаен синхроницитет или намерно поклопување? Одговорот можеби никој не го знае.
Сега овој валцер може да се слушне и во далечни, понекогаш неочекувани делови на светот, низ голем број преработки и најразлични изведби. Тој понекогаш се нарекува „руски“, но најчесто едноставно – Валс број 2. Дејствува ведро, весело, иако со нишка на меланхолија. Но во времето кога е пишуван, бил плач и копнеж за едно изгубено време и симбол на племството, кое полека исчезнувало под стегите на Сталин (и самиот Шостакович бил угнетуван од режимот).
Валцерите, некако, станаа симбол на Новата година, заради традиционалниот концерт на Виенската филхармонија на кој валцерите на Штраус имаат централна улога. Но, ајде, оваа Нова година да ја дочекаме со музиката на Шостакович, да танцуваме на неговиот Валс број 2, па потоа и целата година да ја исполниме со убава музика.
Лада Шоптрајанова Петровска