Една од најзначајните и најангажираните уметници во светот, Тања Бругуера, која се занимава со инсталација и перформанс и чии дела честопати ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила, утре ќе одржи предавање во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток во 19 часот.
„Политичко времено специфично“ е насловот на предавањето што ќе го одржи уметницата и е термин – кованица на Тања Бругуера, обмислен со цел да се дефинира вид уметност, која е создадена да постои во одреден политички момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание.
Таа има учествувано на култната изложба „Документа 11“ во Касел, Германија, а ја основала и програмата за Бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана.
Бругуера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во Музејот на современа уметност „Тејт Модерн“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во МОМА, Музејот на современа уметност во Њујорк…
Бругуера неодамна го отвори Меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и „тинк-тенк“ за уметници-активисти и кубанци.
Родена е во 1968 година во Хавана, Куба. Живее и работи во Хавана и во Њујорк.