Денес во Кнежинскиот манастир по втор пат се одржa литературната манифестација „Поетско ѕвездено ехо-2018“. На годинешната манифестација зедоа учество над 50 поети од литературните клубови ширум земјава и тоа од Скопје, Охрид, Прилеп, Штип, Битола, Демир Хисар, Македонски Брод, Струга и Кочани, како и членовите на локалниот литературен клуб „Китка“ од Кичево.

-Втората литературна манифестација „Поетско ѕвездено ехо-2018“ протекна со учество на над 50 литерати, повеќето најпознати поети од речиси сите градови во земјава. Беше незаборавно да се слушнат песните инспирирани од љубовта кон татковината, саканата, природата, детството и од сите сфери до каде досега поетската мечта. Покрај убавата поезија, учесниците на ѕвездено ехо ги вкусија и локалните специјалитети подготвени од наша страна, меѓусебно се дружеа и овој настан, според нивните изјави, остави траен белег во нивната меморија-истакна Алексо Тришоски, организатор на оваа манифестација, која се организира во соработка со литературниот клуб „Китка“ од Кичево.

Гостите презадоволни од организацијата на средбите го напуштија Кнежинскиот манастир.

-Ова беше еден незаборавен настан за мене, а Кнежинскиот манастир досега неоткриена убавина во срцето на Македонија. Се беше на највисико ниво од песните што ги слушнавме до целокупната организација. Би сакал и догодина да бидам дел од оваа манифестација -рече Анастас Чушкоски, гостин од Охрид.

Старешинката на манастирот сестра Софија на присутните на овој настан им ја претстави целокупната историја за манастирот од неговите почетоци до денес, а одговараше и на прашањата поставени од присутните гости.

-Се радувам на вашето присуство и вашата посветеност на пишаниот збор и верата, која треба да остане траен белег на нас Македонците. Внимателно ги слушав вашите прашања поврзани со овој манастир и затоа сега сакам да ви ја претставам целокупната хронологија за овој преубав верски храм-рече сестра Софија.

Инаку на сите гости организаторот топло добре дојде им посака со леб и сол, како знак на големо гостопримство.

З.А.