Со меѓународно поетско читање, вечерва, со почеток во 21 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје ќе заврши годинешната програма на 58-те „Струшки вечери на поезијата“. Викендов што измина во Струга беше прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2019 година, македонскиот поет Јовица Ивановски за стихозбирката „Човек“, чие што доделување беше на фестивалската програма синоќа, на традиционалната свеченост во Струга, кога се доделуваат и наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“, а и се одржува меѓународното поетско читање „Мостови“. За наградата „Браќа Миладиновци“ годинава одлучуваше жирито во состав Милован Стефановски, претседател, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Тихомир Јанчовски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Снежана Стојчевска, секретар.
– Од петте збирки поезија што влегоа во потесниот избор, по детална анализа и дискусија, комисијата едногласно ѝ ја додели наградата „Браќа Миладиновци“ на стихозбирката „Човек“ од Јовица Ивановски. Од дискусијата произлезе дека во најтесен избор влегуваат книгите „Стан што се распаѓа“ на Биљана Стојановска и „Човек“ на Јовица Ивановски. Сепак, преовладеа мислењето дека збирката на Јовица Ивановски, со својата кохерентна структура, тематско-мотивски опсег, како и оригиналниот и автентичен израз – од книгите што конкурираа годинава – се издвои како најкомплетно остварување – посочи Стефановски на одржаната прес-конференција во хотелот „Дрим“ во Струга. Во образложението за наградата меѓу другото стои дека „најновата поетска книга на Јовица Ивановски е многу типична за поезијата на овој автор и ги содржи сите битни одлики по кои тој стана и е препознатлив: деметафоризираниот поетски јазик, импулсивноста, едноставниот израз, сериозноста проткаена со хумор, искреноста, (авто)иронијата и потсмевот“.
– Поезијата на Ивановски е обид за осмислување на бесмислата и за хуманизирање на дехуманизираниот свет – укажа меѓу другото во одлуката жирито.
Годинава за наградата „Браќа Миладиновци“ беа номинирани и поетите Митко Гогов за поетската збирка „Скриено писмо“, Наташа Сарџоска за „Крстна коска“ и Катица Ќулафкова за „Мои страсти, мои страданија“.