Во новиот број на американското универзитетско списание „Езра“ се објавени избрани песни од поетот Јовица Тасевски–Етернијан во препев на англиски јазик од американската поетеса Џудит Скилман.
„Езра“ е специјализирано списание во кое се објавуваат преводи на англиски јазик на дела од познати светски автори и осврти за преведени книги. Списанието го издава Универзитетот „Роџер Вилијамс“, а уредник е Питер Томсон.
Поезијата на Етернијан во списанието е објавена веднаш по новите препеви на англиски јазик на избрани песни од шпанскиот поет Рафаел Алберти, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата и на низа други угледни награди. Во овој број се и песни препеани на англиски од класиците Сергеј Есенин и Отокар Бржезина, препеви на песни од познатата современа португалска поетеса Роза Алиси Бранко.
Јовица Тасевски–Етернијан е автор на шест поетски книги и на две книги со книжевни критики, есеи и студии. Негови песни се препеани на дваесетина јазици и објавени се во списанија и антологии во околу триесет држави. Ова е второ претставување на поезијата на Етернијан во списанието „Езра“ на Универзитетот „Роџер Вилијамс“.