Вечерва почнува 53. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Како нов уметнички директор, што е тоа што ќе ѝ го понудите на публиката?
– Пред сѐ, сакам да потенцирам дека е фасцинантно што фестивалот трае над половина век. Иако имав кус период за организирање, сѐ беше збиено, затоа што секој фестивал се подготвува веднаш по завршувањето на постојниот, а јас сум неколку месеци. Ги одгледав сите претстави што беа понудени. Напорно беше, само во април гледав 20 претстави. Публиката ќе ужива во програмата и во претставите што ги избрав. Театарот во земјава, секогаш тврдам, е врвен, и треба да се поддржи. Го паметам времето кога нашите театри гостуваа на фестивали и се враќаа со награди. Ние сме биле најдобрите. И денес се знае дека имаме врвни актери, театри. Нормално имало и падови, но и успеси. Ме одушевува публиката во Прилеп, која е фасцинантно театарски образована и која ги следи претставите во еден здив. Отворањето е со доделувањето на наградите за животно дело на актерот Петре Арсовски и на композиторот Љупчо Константинов.
Се одлучивте за 12 претстави во официјалната конкуренција. Што беше пресудно за вашиот избор?
– Пред сѐ одбрав добри претстави, иако сите еднакво не се со еднаква можност, енергија и сила, но затоа има жири што ќе ги проценува. Не можам да кажам зошто изборот паднал на некоја претстава. Едноставно знаев дека таа треба да биде на фестивалот, оти сум долго во театарот. Жирито е тричлено. Времето за избор беше прекратко, но сепак избрав тоа да бидат Мими Таневска, актерка и професорка, Драган Спасов-Дац и Јасна Новаков, театролог од Белград.
Што ќе понуди фестивалот во придружната програма?
– Придружната програма е редовна практика на фестивалот. Ќе играат студентите од ФДУ, од ЕСРА. Ќе настапат уште неколку театри, како и театарот на Бугарската армија. Ќе има две трибини. Имаше насоки за одржување тркалезни маси, но кога има две претстави во една вечер не знам дали е оправдано. Но сметам дека треба добро осмислување. Подобро е сепак да има разговори на одредени теми. На едната трибина ќе се дебатира за неприсуството на критиката во Македонија и втората за местото и улогата на драматурзите во театрите во Македонија. Ќе има и промоција на театарска литература. Мислам дека подобро е да има повеќе квалитет, отколку повеќе настани.
„Ничија земја“ на МНТ за почеток
МТФ „Војдан Чернодрински“ вечерва го отвора ансамблот на МНТ со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов. На полноќ е изведбата на испитна претстава на ФДУ во класата на Мими Таневска. В сабота од 19.30 часот ќе се претстават битолскиот театар со „Доктор Фауст“ во режија на Андраш Урбан, а домаќинот, прилепскиот театар, од 22 часот ќе ја одигра „Клетници“ на Виктор Иго, по текст на Горјан Милошевски, во режија на Мартин Кочовски. Неделата е резервирана за Театарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Еднаш свет изградив“, по мотиви од романот „Сидарта“ на Херман Хесе, во режија на Јане Спасиќ, и за струмичкиот театар, кој ќе ја изведе претставата „Царот Владислав“ од Борис Јанков, во режија на Бранко Ставрев. Турскиот театар од Скопје на фестивалот ќе ја одигра Шекспировата „Кралот Лир“, во режија на Диего де Бреа, а штипскиот театар ќе се претстави со „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза, во режија на Нела Витошевиќ. „Театарот комедија“ настапува со „Дони Дарк“, според мотиви на Леонард Герш, во режија на Роберт Ристов, а Албанскиот со „Жените“од авторот Роберт Томас, во режија на Ќендрим Ријани. Велешкиот театар на фестивалот ќе ја изведе „Тоалет за дами“ од Родолф Сантана, во режија на Деан Дамјановски, а Драмскиот „Лет над кукавичкото гнездо“, во режија на Ристо Алексовски. Официјалната програма на фестивалот се затвора на 14 јуни со претставата „Ужегнатост“, по текст на Иван Вискочил, во режија на Владимир Милчин.