Особено сум среќен, зашто преку плакатот се обидов да воспоставам еден систем што ја обликува и презентира глаголицата како универзална визуелна форма, изјави Лазе Трипков, авторот на „Глаголица“
Плакатот „Глаголица“ на дизајнерот Лазе Трипков, кој, како што вели и самиот негов автор, бил иницијација на цел серијал посветен на глаголицата, деновиве влезе во финалето на две престижни манифестации во Полска и во Боливија.
– Во изминативе десетина дена бев пријатно изненаден што едната манифестација во чие финале влезе мојот плакат „Глаголица“ е најстарото Биенале за плакат во светот, кое се одржува во Варшава, а втората е Биеналето во Боливија. И во двата случаја мојот плакат преоѓа во финале во конкуренција со над 11.000 плакати од над 90 земји од светот. Особено сум среќен, зашто преку плакатот се обидов да воспоставам еден систем што ја обликува и презентира глаголицата како универзална визуелна форма, која естетски треба да ја привлече и мотивира публиката.
Наедно да нѐ потсети и на нејзината функционалност, вредност, како и на значењето на еден историски и културолошки идентификациски модел. Морам да признаам дека од регионот многумина контактираа со мене со различни предлози и барања, дури и за комерцијализација на истиот тој, за развивање модна колекција и сл. А во мај сум поканет на конференција во школото за дизајн „Рангхис“ во Москва, посветена на кирилицата, каде што ќе го презентирам истиов проект и ќе водам работилница. Дополнително, целиот серијал „Глаголица“ (кој ги содржи сите глаголични знаци), во октомври, првпат целосно ќе биде изложен во Сараево, во галеријата „Препород“, изјави Лазе Трипков. Тој меѓу другото лани во Москва ја доби наградата „Златна пчела“ за неговиот плакат „Баухаус 100“. Трипков е основач на „Плакарт“ и на „Скопје постер фестивал“.