Игор Талевски, организатор на Фестивалот на планински филм
Фестивалот на планински филм „Ехо“, кој годинава се одржува по 10-ти пат (28 октомври до 1 ноември), се обидува преку моќта на документарниот филм, уметноста на природата и преку инспиративни приказни да направи промени во општеството. Проекциите ќе се одржуваат во „Милениум“, „Фросина“ и во Џебното кино
Со што ќе го задоволите апетитот на публиката овој пат?
– Бидејќи ова е пред сѐ филмски фестивал, ќе одговориме со одлични филмски приказни. Оваа година имавме околу 180 апликации од автори од 40 земји. Финалната селекција на филмовите што ќе бидат прикажани за време на петдневната програма ќе има 40 филма на различни теми: планински спортови, живот во планина, екологија… Исто така ќе организираме и три презентации со осврт на актуелни екотеми и една авантура на планина повисока од 8.000 метри, а ќе објавиме и нова книга, од канадската авторка Бернадет Мекдоналд, за големиот полски алпинист Војтек Куртика, со наслов „Слободата како уметност“. Повеќе детали за програмата и партнерите што ни помагаат во реализацијата на годинешното издание може да се погледнат на нашата веб-страница, од каде што секој според својот вкус и заинтересираност ќе може да одбере што би сакал да следи, но нашата публика досега се покажа како публика со високо ниво на издржливост и програмата се следи од почетокот до крајот.
Какви планини помести фестивалот „Ехо“ низ годините, каква задача му зададовте на фестивалот?
– Од самиот почеток овој настан го замислувавме како многу повеќе од само журка и фешта. Водилка во неговата организација беше потребата што ја гледавме за едукација на пошироката заедница што ги дели планините како место за практикување на своите љубени активности, најразличните планински спортови, за нивен соживот, за негување на планинската средина, за етика во тоа што го работат итн. „Ехо“ е најголема културна платформа, на која секој што работи нешто во планините (спорт/живот) има можност да го претстави тоа и да објасни директно пред срцевината на заедницата што ги сака планините и практикува некој спорт во нив, но и на пошироката јавност заинтересирана да разбере нешто подетално за тие актуелности. Сме организирале презентации за подзаборавени планински успеси од минатото, но и на актуелни најразлични теми за наше што подобро меѓусебно разбирање. Во пет дена, кината каде што се проекциите се збиралиште на пасионираните спелеолози, алпинисти, планинари, кајакари, скијачи, екоактивисти, филмаџии што се интересираат за оваа сцена. Сите заедно собрани на едно место слушаат и споделуваат идеи за планината и природата, а веруваме дека само таква сплотеност и масовност во иднина може да доведат до многу пофин меѓучовечки однос внатре во заедницата, но и односот човек – планина.
Во какво дете порасна „Ехо“, кои зборови најдобро го опишуваат?
– Токму „Ехо“ е зборот што најдобро го опишува нашиот фестивал. Веруваме дека во текот на тие пет дена во Скопје одекнува ехото од планините од сите страни на светот, нѐ едуцира, инспирира, зближува… Во Скопје, заклучно со годинешната програма, успеале да одекнат речиси 350 филмски приказни, 50 презентации, неколку изложби, книги. Тие бројки го прават „Ехо“ да биде најважниот гласник на планините и природата во земјава.
Што се покажа како најсилен адут, што најуспешно поминува кај публиката?
– Во овие десет години шемата остана иста, а тоа што се менуваше беше квантитетот. Кај публиката поминува сѐ, нудиме најактуелни филмски остварувања, многу блиски дружења преку презентациите на важни претставници од меѓународната сцена, објавуваме важни книжевни дела чии пораки не сакаме и не смееме да ги заборавиме. Тоа што се менуваше низ годините беше квантитетот на програмата. Мислам дека по завршувањето на тие пет дена, нашата публика веројатно, наместо да замине на планина, таа одмора во текот на викендот.
Кои се вашите следни аспирации? Кои врвови се стремите да ги искачи „Ехо“?
– Сметам дека за релативно кратко време поставивме високи стандарди во однос на секој дел од програмата и аспирациите, секако, се постојано да ги надминуваме. Сепак, реакцијата на публиката е тоа што нѐ инспирира. Кога ќе видите целосно исполнети сали, во текот на сите овие години, тоа значи дека фестивалот дефинитивно успева да привлекува и програмата што ја нудиме е атрактивна.