Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска продолжува да го освојува светот. Откако беше проследен со одлични критики и оцени од публиката во Франција, каде што филмот досега го видоа 32.000 луѓе, тој продолжува да се прикажува во 56 киносали.
– Летово промоцијата на филмот низ светот се одвива во силен ритам собирајќи нови признанија од селекција на престижни фестивали до ексклузивни прикажувања и започнување на кинодистрибуција во многу земји. Месецов филмот патува на седум фестивали нив целиот свет. Започнувајќи со проекција на „Кино Изола“ во Словенија, кое беше придружено со предавањето од нашиот копродуцент Данијел Хочевар за начинот на кој е создаден филмот со 5 земји во копродукцијата. Исто така, Моника Ломбер нашата костимографка одржа мастер-клас за филмски костим – велат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“.
„Петрунија“ продолжува на филмскиот фестивал „Арт“ во Словачка, па на филмскиот фестивал „Сиднеј“ заедно со тамошниот австралиски дистрибутер ќе биде прикажан во главна конкуренција. Во исто време, Теона на фестивалот ќе биде дел од жирито за краткометражен филм. На 29 јуни, филмот ќе биде прикажан на филмскиот фестивал „Еденбург“, потоа на интернационалниот филмски фестивал „Брисел“ во главната конкуренција и потоа почнува кинодистрибуцијата во Белгија. Месецов филмот ќе биде прикажан на уште еден фестивал во Германија, овој пат во Манхајм, од каде што дистрибутерот ја подготвува кинодистрибуцијата во оваа земја за есен. Филмот ќе биде и дел од најголемиот, 21. по ред, студентски фестивал во светот во Тел Авив. Теона Стругар Митевска е поканета од фестивалот да им одржи мастер-клас на филмските студенти во Израел и во нејзина чест тие прават и ретроспектива на нејзините филмови најавувајќи ја како „авангарден филмски творец и централна фигура во надоаѓачкиот постјугословенски нов бран“. Меѓу другите филмски дејци што одржале мастер-класови на овој фестивал во минатото се и Тарантино, Ханеке, браќата Дарден, Алмодовар…