Според жирито, писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано
Романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова со мнозинство гласови е избран за „Роман на годината“ за 2019 година. Николова е прва од досегашните лауреати што оваа награда ја добива вторпат, првпат наградата „Роман на годината“ ѝ е доделена за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.
– „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е роман, кој својата приказна ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со фактите.
Директното, експлицитно посочување на изворникот (мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, еден од докторите, кои престојувале во Скопје за време на Првата светска војна) чие „ехо“ е романот, воопшто не ѝ пречи на приказната, туку напротив, овозможува увид во слоевитоста и комплексноста на наративните постапки – се вели во одлуката.
Според жирито, писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано.
– Таа и во овој роман го покажува истенченото чувство за детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик, и кои суптилно исткајуваат мрежа од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост – вели комисијата во состав: Николина Андова Шопова (претседателка и минатогодишна лауреатка), писателот Милован Стефановски, универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, писателот Славе Ѓорѓо Димовски и претставничката на фондацијата „Славко Јаневски“, Катерина Богоева.
Оливера Николова (1936, Скопје) е писателка за деца и возрасни. Попознати дела за деца, од дваесетина издадени, ѝ се: „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“ и други. Нејзини дела за возрасни се книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, а некои од нејзините најпознати романи се: „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Белиот чад“, „Пешаци по црни полиња“ и други.
На конкурсот за наградата, кој во организација на фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 38 романи. Во нив се забележливи различни поетичко-стилски тенденции и струи – некои од романите ја рефлектираат целокупната општествено-политичка клима во земјава, други, пак, гравитираат околу некои од најсуштинските интимни и егзистенцијални прашања, преиспитувајќи и книжевно обмислувајќи го односот со другоста, идентитетот, историјата (личната и колективната)…
Меѓу петте финалисти беа романите: „Молчи со отворена уста“ на Снежана Младенова-Анѓелков, „Пагански времиња“ на Драги Михајловски, „Песот со тажен поглед“ на Оливера Николова, „Последните денови на Ханс“ на Михајло Свидерски и „Приказни за госпоѓица Сит“ на Билјана С. Црвенковска.