На театарскиот фестивал „Квартиере дел арте“ во Витербо (Италија), денес премиерно ќе биде прикажан првиот дел од серијата кратки перформанси во рамките на театарскиот колаж „Амор Вичит“ работен според две микродрами на италијанските автори Фабио Марсон и Рикардо Табилио.
Во проектот учествуваат актерите Дарја Ризова и Александар Михајловски, како и режисерката Нина Николиќ, а целокупниот авторски тим вклучува автори од Италија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија.
Проектот го обработува животот и делото на италијанскиот барокен сликар Чеко дел Караваџо, кој се смета за еден од најзначајните ученици од школата на Караваџо. Малку е познато за неговиот живот, а главна инспирација за проектот е податокот дека во 1613 година престојувал во селото Бањаја недалеку од Витербо, каде се претпоставува дека ја насликал својата една и единствена фреска.
Поради околностите наметнати од пандемијата и неможноста за учество во живо, проектот е реализиран во хибридна форма. Перипетија продукција во соработка со Ехо Анимато, во периодот 29.10.2021 – 03.11.2021 во Белград, подготви видео и аудио материјали кои се имплементирани во претставата.