Патувачкото кино на „Македокс“ ќе го почне своето патешествие денеска со првата проекција под ѕвездите во Кратово. Магаренцето на „Македокс“ годинава ќе оди по главната артерија што го обединува истокот. Годинава патувачкото кино го менува својот формат и наместо 15-дневно доживување, ќе направи викенд-проекции во осум града и населени места во Североисточниот Регион.
Досега беа прикажувани документарни филмови во речиси сите градови и региони низ државата. Раскажаните приказни покриваат простор со размер сличен на растојанието од Берингово Море до Глобочица кај Дебар. Патувачкото кино досега посети 75 места. Сите проекции се под отворено небо и се бесплатни. Во најголем дел од овие села никогаш претходно немало кинопроекција или имало неколку пред 40-50 години. Проекциите на „Македокс“ сретсело се доживување и атракција за сите жители, за која зборуваат и ја паметат долго време.
Патувачкото кино на „Македокс“ ќе ги опфати Кратово (25 јуни) и селото Шлегово (26 јуни) во последниот викенд во јуни. Во јули ќе прикажува документарни филмови во Штип (2 и 3 јули), како и во селото Оризари (9 јули) и Кочани (10 јули). Последната сесија годинава ќе се случи во септември со проекции во Виница (3 септември) и селото Пекљани (4 септември). Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, а влезот е бесплатен.