Проектот „Арт фем“ на уметницата Дороти Пачкова е патувачка изложба, која се изложи низ неколку града во нашата држава, односно Штип, Тетово, Крива Паланка, Куманово, а последната изложба ќе се одржи во Скопје, утревечер, со почеток во 19 часот. Изложбата на Пачкова ќе биде поставена во „Олд скул бар“.
Станува збор за проект што е производ на согледување на непостоењето активистички феминистички мрежен центар, кој ги унапредува правата на уметничките, им дава можност за изразување и вмрежување и позитивно ги дискриминира приклучувајќи ги во јавниот културно-уметнички живот. Со ова се започнува претставување на мрежното функционирање на Центарот за слобода и култура, на жени и девојки уметници од регионот, со поддршка на повеќе музеи и галерии од целата земја, со поддршка на Министерството за култура.
Пачкова создава феминистичка мултимедијална уметност во интердисциплинарни области, најчесто поврзани со родови проблематики, анулирање на класните разлики, феминизација на сиромаштијата, пристапност до јавната сфера за девојки и жени, жени во политиката, неплатен домашен труд, стереотипизација, позитивна дискриминација, демаргинализација, родово базирано насилство и слично. Таа врши истражувања во областа на родовите науки и култури во земјата, на Балканот, низ Европа, односно во Берлин, Цирих и во Милано. Досега има реализирано над 30 самостојни изложби и учествувала на уште толку групни.