Со интонирање на фестивалската химна и огномет, како и со театарската претстава „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград, на Античкиот театар во Охрид беше затворено 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека фестивалот годинава испиша уште една успешна приказна во својата историја и успеа да ја прослави уметноста во време кога се соочуваме со ковид-19.
– Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа можност да уживаат на фестивалската сцена, од каде што по 61. пат се славеше врвната уметност. Покрај кон светските уметници, почит и белег дадовме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста што имаат светска слава – рече Поповиќ.
Актерската екипа на Југословенскиот драмски театар за затворањето на годинашното фестивалско издание ја донесе семејната драма со политички конотации, „На отворено море“. Режисерот Егон Савин не го криеше задоволството што токму негова театарска претстава ја имаше честа да го затвори фестивалот.
– Нушиќ напишал неколку граѓански драми. Тие се необично значајни за ова време зашто го покажуваат и менталитетот, кој е непроменлив, и државниот апарат, кој е исто така непроменлив, и власта, која е арогантна и подмитлива… Нушиќ е најгенијалниот српски драмски писател, и тоа не само како комедиограф – рече режисерот Савин, според кого, „Охридско лето“ и „Дубровничките летни игри“ се последното упориште на големите сериозни летни фестивали што ја слават уметноста.