Минатата недела, во амфитеатарот на INALCO, Paris Cite Sorbonne, се одржа церемонијата на доделувањето на наградите, со што се заокружи деветтото издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа SEE a Paris 2019.
Фестивалот, којшто од минатата година е под покровителство на Министерството за култура на Република Франција се отвори на 28 мај, во присуство на повеќе истакнати личности од културниот и општествениот живот на Франција. На отворањето, и оваа година беа доделени трационалните награди за животно остварување: SEE Legend 2019 на познатиот српски режисер Бора Драшковиќ и SEE Actress 2019, на словенечката актерка Милена Зупанчич.
Наградата Europa Prima 2019 им се додели на француските документаристи Мари Арно и Жак Дебс за нивниот серијал „Манастирите на Европа“ во продукција на АРТЕ. Најголемо внимание кај публиката привлече обраќањето на легендарниот француски филмски автор и актер Жак Перен, кој се здоби со престижното признание „Frederic Rossif“ за особени остварувања во филмската документаристика.
За време на фестивалските денови пред париската публика се презентира селекција од играни, кратки, документарни и анимирани филмови од 15 земји од регионот, која предизвика голем интерес. Жирито во состав: Макс Азуле, претседател, Фредрик Фапани, Емануел Галабрије, Хазис Вардар и Патрисија Корбет, одлучи наградата за најдобар документарен филм да му се додели на „Манаки, приказна во слики“ од Роберт Јанкулоски. Наградата за најдобар игран филм му припадна на црногорскиот „Бескрајно минато“, додека Јани Бојаџи ја доби наградата за најдобро сценарио за македонскиот игран филм „Исмејување на Христа“.
Наградата најдобар актер ја доби бугарскиот актер Александар Алексиев, за улогата во филмот „Возвишение“, додека како куриозитет наградата за најдобра актерка им се додели на трите актерки од хрватскиот филм „Лада Каменски“: Наташа Дорчиќ, Ксенија Маринковиќ и Дорис Шариќ-Кукуљица. Исто така, наградата за најдобра режија им беше доделена на двајца режисери: Виктор Божинов од Бугарија за „Возвишение“, и Чаба Векеш од Унгарија за „Зад колоната“. За најдобар краток филм беше прогласен „Главно јадење“ од Кристина Баришиќ од Хрватска, додека српскиот „Ехо“ од Бориша Симовиќ и Коста Ракишевиќ беше прогласен за најдобар анимиран филм, и воедно ја понесе наградата од младото жири.
На затворањето на фестивалот се додели уште и наградата SEE Personality 2019 Paris, за исклучителен придонес во европеизацијата на регионот на Југоисточна Европа на Ирена Јакимовска, менаџер на македонската компанија Комфи Ангел.