Фреска што прикажува еротска сцена од грчкиот мит „Леда и лебед“ е откриена во древниот римски град Помпеја. Добро зачуваната фреска со ликот на Леда, која забременила од римскиот бог Јупитер, претворен во лебед, е пронајдена за време на ископувањата северно од археолошкиот парк во Помпеја, каде што на подрачје од 21 хектар се разоткриени цела низа интересни наоди сѐ уште недостапни за јавноста. Ова е најголемо истражување на овој терен уште од 1960-тите години.
– Куќата во која е пронајдена фреската се наоѓа на улицата Везув, каде што биле сместени куќите на повисоката класа граѓани на Помпеја. Археолозите веруваат дека овој наод му припаѓал на богат трговец што имал висок статус. Леда е важна фигура во грчката митологија. Кралицата на Спарта, која добила деца со богот Зевс (грчка верзија на Јупитер), била мајка на прекрасната Хелена од Троја. Фреската се наоѓала во спалната соба, а се издвојува од другите бидејќи е поставена така што гледа во секој што ќе влезе во собата и тоа со поглед што е нагласено сензуален – тврди директорот на археолошкиот парк во Помпеја, Масимо Осана, кој дополнува дека е фасциниран од тоа што боите на фреската се извонредно зачувани и сѐ уште се живи.