Со премиера на играниот филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“, вечерва во кино „Милениум“ е отворен 21. Скопје филм фестивал.
Повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања, како и филмска ретроспектива на Алфред Хичкок, ќе понуди новото издание на фестивалот кој до 26 април ќе се одржува во „Милениум“, „Фросина“ и Кинотека.
Филмовите се распоредени во седум програми: Програма на авторски филм; Панорама на светски филм; Македонска продукција; Фокус на француски филм; Програма на европски филм; Ретроспектива на Хичкок, а од оваа година ќе има и нова програма – Квир фокус.
На отворањето присуствуваше Министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Новиот филм на Блажевски „Година на мајмунот“ е црна комедија, копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Во главната улога е Игор Ангелов, а во актерската екипа се и: Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија.
Главни протагонисти во филмот се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје, и шимпанзото Коко, жител во градината. Филмот е приказна за бегањето на Коко „од ропство во слобода“ поради што Цобе ќе биде отпуштен со ветување дека ќе го вратат на работа доколку го пронајде и донесе назад избеганиот мајмун…
– Во измачената и со транзиција девастирана земја, се крева голема медиумска врева околу избеганото шимпанзо. Коко станува симбол на отпорот и слободарски стремежи, некој што успеал да излезе од магичниот круг на општата ентропија. Така, спасувачката мисија на Цобе за фаќање на шимпанзото ќе стане и предавничка – соопшти СФФ во најавата.
„Година на мајмунот“ ќе се прикажува во киносалите на „Синеплекс“, а светска премиера ќе има на 23 април на Московскиот меѓународен филмски фестивал.
Во програмата Македонска продукција на 21. СФФ ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои е премиерата на документарниот филм „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи, како и „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, кој освои награда за најдобар краток филм на фестивалот Санденс. Во Ретроспектива на Хичкок, пак се пет филма: „Заден прозорец“, „Психо“, „Ребека“, „Птици“ и „Туѓинци во воз“.
Во рамки на фестивалот ќе има и две работилници – режисерот на „Таксим холдем“, Мајкл Ондер, ќе одржи работилница за снимање нискобуџетен филм утре во Кинотека на Македонија, каде ќе има и средба со продуцентот на филмот, Јосеф Еревчик Амадо. Француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин, пак, на 23 април на Универзитетот ЕФТА ќе одржат работилница: „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“. Во кино „Фросина“ во понеделник ќе биде промовирана книгата „За засрамените геј мажи“.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов. Програмата со распоред на проекциите е објавена на: www.skopjefilmfestival.com.mk.