Новото, 28 издание на интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест Битола 2019“ со гала оперскиот концерт на Националната опера и балет и солисти, под диригентска палка на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, синоќа беше отворен во Битола.
Заедно со оркестарот настапија солистите Наде Талевска, Ристе Велков, Славица Петровска- Галиќ, Зоран Сотиров, Борис Трајанов, Весна Гиновска Илкова, Владимир Саздовски, Павлина Новакова, Сандра Митровска, кои со својот настап ја воодушевија битолската публика, која до последното место ја исполни салата на Народниот театар.
Сепак, и покрај спектакуларното отворање, организаторите изразија доза незадоволство затоа што годинава Министерството за култура на фестивалот му скрати 12.000 евра, со што репортоарот стана покус за пет концерти на гости од Германија, Италија и Полска, како и настапот на Камерниот оркестар од Битола, со кои според зборовите на иницијаторот за организрање на фестивалот, Милица Рибарски, биле склучени договори за настап.
Според програмата, до 11 октомври, кога ќе биде спуштена завеста на фестивалот на неколкуте фестивалски сцени во Битола, ќе настапат уметници од Македонија, Италија, Франција, Полска.
М.М.