Министерот за култура Хусни Исмаили во Штип се обрати на отворањето на меѓународниот научен симпозиум „Рударство и археологија“, чиј домаќин е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Штип. Во присуство на голем број гости, министерот истакна дека одржувањето на овој настан со мошне специфична тема е од особено значење за развој на археолошката научна мисла во нашата земја, но и размената на меѓународни искуства од ова поле, особено ако се земе предвид фактот дека овој симпозиум е прв од овој вид, кој ги поврзува сознанијата меѓу археологијата и рударството како важна економска гранка.
– Убеден сум дека домашните археолози и другите стручни лица во деновите што следуваат ќе имаат извонредна можност да разменат нови сознанија, да стекнат нови искуства од своите колеги од регионот, но и од Европа, кои со децении работат на истражување и поврзување на научните податоци од археологијата со рударството и металургијата – рече Исмаили.
Во рамките на научниот симпозиум, беше отворена и изложбата „Боров Дол 2011-2018“, која претставува резултат од досегашните истражувања на Заводот за заштита на спомениците и музеј Штип на археолошките локалитети во овој регион во изминатиот период, изведени за потребите на рудникот за бакар и злато „Бучим“ од Радовиш.
На симпозиумот се присутни археолози и други стручни лица од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Австрија, Германија, Велика Британија.