Со концерт насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, посветен на нашата оперска примадона Ана Липша Тофовиќ, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ, вчера во Античкиот театар во Охрид свечено беше отворено годинешното 60-то јубилејно издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во земјава – Фестивалот „Охридско лето“.
Публика, гостите и уметниците, ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили кој подвлече дека фестивалот „Охридско лето“ денеска е многу повеќе од очекувањата на неговите основачите пред 60 години, но и од нивните соништа за фестивал кој што ќе биде уметнички амблем на Македонија на уметничката светска арена.
– Фестивалот „Охридско лето“, кој што оваа година бележи значаен и величествен јубилеј, не се мери веќе со годините на неговите изданија, туку се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година. Фестивалот низ годините израснал од ентузијазмот и љубовта на многу луѓе кои што можеби вечерва и не се меѓу нас, но со нивната посветеност овозможија тој опстои повеќе од половина век и да создава уметници кои што би ги посакувала секоја светска сцена – рече министерот Исмаили.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид“.
– И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал – рече претседателот.
Јубилејното фестивалско издание за првпат од 1961 година се одржува надвор од вообичаениот термин, и ќе трае од 4 до 30 август со строги придржувања кон протоколите за заштита од ширење на ковид-19. Во текот на фестивалските денови на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската оф-програма. На фестивалот ќе настапат реномирани музичари од Русија, САД, Шпанија, Турција, Косово, Италија, Албанија, Германија, Франција, Чешка, како и уметници од домашната музичка сцена. Драмскиот дел од програмата пак ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи. Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел, Фестивалот „Охридско лето“ ќе биде одбележан и со промоција на монографијата „Фестивалска приказна“.