„Светлина“ е тематската изложба од прилепската уметница Марта Макеска, отворена во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. На изложбата се претставени монументални платна и минијатури, изработени во акрил на платно и колаж. Културно-историските споменици, како Градскиот саат, Маркови кули и Богородичниот манастир во Трескавец се насликани на монументалните платна. Експресивниот израз и робусните форми, дополнително ја зголемуваат импозантноста на архитектонските структури и нивниот симболизам.
– Уметничкото творештво на уметницата Марта Макеска припаѓа на правецот симболичен експресионизам. Преку експресивниот уметнички израз, бојата преку својата чиста форма и силениот интензитет добива предност, на сметка на формата во композицијата. Тргнувајќи од разните симболи, како што се: културно-историските споменици, кои го симболизираат многувековниот опстанок на родниот град, крстот што ја симболизира истрајноста на православната христијанска религија, колажните композиции со претставите на селанките и додадените елементи – везовите од традиционалната македонска народна носија, како и претставите со мотивот мајка со дете, како симбол на мајчината љубов, јасно одѕвонува првобитната замисла на уметникот – вели Викторија Димеска, историчарка на уметност.
Марта Макеска дипломирала на ФЛУ во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин. Реализирала самостојни и групни изложби и била учесничка на ликовни колонии. Работи како професорка по ликовно образование.