Изложбата „Пасија – смртта умира“ на Никола Пијанманов е отворена на ул. Максим Горки бр. 19, во Скопје. Тематски изложените слики се креативно толкување на страдањата на Исус Христос, а се проследени со неколку други секвенци од неговиот живот. Поставени се 25 слики работени во последните неколку години. Сликите во оваа поставка формираат една композициска целина. Некои од нив се создадени според обликот и димензиите на самиот простор. Компарацијата на поставката во овој простор е со онаа од ранохристијанските слики и симболи во катакомбите. Рецензенти на изложбата се Коста Милков и отец Климент од Зрзе. Организатор и целосна поддршка на оваа изложба дадоа Нада Милкова, галеријата „Метаноја“ и Балканскиот институт за вера и култура.
– Иако се поставени во период кога се одбележува Христовото раѓање, имајќи ја предвид тешката состојба на целиот свет, која сѐ уште трае, поставката е симбол на учеството на Христос во ова колективно страдање. Но исто така, како и секој период меѓу Божиќ и Велигден, таа е знак на надеж со победата на животот над смртта. Воскресението е дефинитивно прогласување на смртта дека е мртва – велат организаторите.
Во рецензијата на отец Климент од Зрзе се вели дека „авторските дела на Пијанманов носат во себе одредена визуелна сродност со иконите на романтизмот, ’Монахот на брегот’ од Каспар Давид Фридрих. Но романтичарскиот концепт на сублимираниот терор од природата овде е пресвртен – додека на Фридриховото платно личноста на монахот е сведена само на бледникава сенка, која само што не е консумирана и проголтана од монументалноста на небото и океанот, во средиштето на делата од Никола Пијанманов засекогаш перзистира истрајноста на мекоста и кршливото…“
Никола Пијанманов завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје.
Неколку години работел во ателјето на професорот Владимир Георгиевски. Реализирал осум самостојни изложби и повеќе групни, во земјата и во странство. Автор е на неколку монументални јавни дела и сценографии за театар. Член е на ДЛУМ. Неговите дела се дел од приватни колекции во целиот свет. Пишува рецензии и есеи за уметност во списанијата „Премин“ и „Зенит“, како и осврти и критики за ликовната уметност. Уметнички координатор е во здружението за култура „Транзен“, преку кое реализира голем број проекти од културата.