Во присуство на голем број гости и посетители, вчера во Археолошкиот музеј свечено беше отворена изложбата „Великата Степа: историја и култура“, која се реализира во рамките на проектот „Патувањето на Златниот човек низ музеите во светот“.
Изложбата за отворена ја прогласи министерот за култура, Хусни Исмаили, кој истакна дека оваа изложба на Националниот музеј на Република Казахстан, од Нур Султан, ќе ни ја доближи земјата што ја живее својата цивилизациска сегашност врз темелите на сопственото богато минато.
-Пред нас се артефактите кои ни ги илустрираат историските секвенции од културното наследство на Казахстан и кои истовремено се потврда за негувањето на мултикултурниот и мултирелигискиот аспект на граѓаните кои живееле и живеат на територијата на оваа држава. Велат дека Казахстан е земја во која се соединуваат Европа и Азија. Нејзината историја, култура и културното наследство денеска се претставени преку ексклузивните раритетни предмети, како: накит, воена опрема, традиционални ракотворби, кои говорат за историското траење на оваа земја и нејзиниот културен идентитет. Особено вреден и најзначаен артефакт на оваа изложба, секако, е симболот на казахстанското културно наследство – Златниот човек или Казахстанскиот Тутанкамон од 5 век пред нашата ера, идентификуван како воин на народот Сака- рече Исмаили.
Тој додаде дека оваа изложба, која патува низ музеите во светот, е извонредна можност македонската јавност да се запознае со историјата и културното наследство на Казахстан, кои се потврда за разновидноста и посебноста на казахстанската култура. Изложбата „Великата Степа: историја и култура“ ќе биде отворена за посетителите до 11 август.