Изложбата на уметникот Ранко Дакиќ со наслов „Егзил“ ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност.
– Творештвото на Ранко Дакиќ (1958, Скопје) не цели да ни открие зачудувачки новости во сликарството или скулптурата. Впрочем, тоа денес тешко може да го направи кое и да е творештво. Но може, на пример, да ни го отвори неговиот внатрешен свет, а може и неочекувано да ни помести некои граници во македонската ликовна уметност. Уметноста на Дакиќ не е поводлива и не е подведлива, таа не сака да биде национална, па ни интернационална. Таа цели да биде анационална односно сака да биде само – уметност. Во извесна смисла таа е егзистенцијална. Но не егзистенцијалистичка во филозофската смисла на зборот, туку како некаков личен творечки одговор на егзистенцијалните дилеми, на разбирањата на уметноста, на истражувањата на личните перцепции на визуелното ама и на личните страсти, ст(р)авови, победи и порази… Уметноста на Дакиќ не признава стил и/или развој. Сѐ што уметникот ќе создаде е негов „стил“ и негов „развој“, неговата уметност е тој – лично и персонално – и тој е неговата уметност.
Целосно и неотповикливо – се вели во текстот од каталогот. Изложбата ќе презентира педесетина негови дела (цртежи, слики и скулптури) работени во последниве триесетина години, односно по неговото напуштање на Македонија во 1987 година. Дакиќ живее и работи во Берлин, Германија.
Куратор на изложбата е Златко Теодосиевски. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура.