Оваа мултимедијална изложба, преку која ќе се прикаже уметничкиот крик насочен во борбата против табуата и цензурата во уметноста, ќе биде презентирана онлајн в недела, на Фејсбук, од 19 часот
Христина Тарабунова ја организира онлајн колективната изложба „Ослободени“, преку која авторите ќе го прикажат својот уметнички крик насочен кон денешницата во борбата против табуата и цензурата во уметноста. Ќе може да се погледнат различни уметнички дела, слика на платно, цртеж, инсталација, скулптура, видео, ќе се слушне поетско изразување, а ќе има и премиера на музички перформанс на еден од учесниците.
– Оваа мултимедијална изложба ќе ѝ биде презентирана на јавноста онлајн преку Фејсбук со претходно поставен линк преку Јутјуб во 19 часот. Се решив на ваков начин на претставување за да останеме безбедни во овие тешки времиња и да го зачуваме сопственото, како и здравјето на нашата публика. Изложбата ќе ја отворам јас со презентација на своето дело, редизајн на кукли. Овој пат работев сама во креирање на делата во колаборација со гостинката во овој проект, Мими Анастасова, и нејзиниот зачинет поетски израз. Понатаму ќе можат да се погледнат делата на другите учесници: Елена Кичевска, Доротеј Нешовски, Висар Мехмети, Крсто Анастас Глигорјадис, Украинката Снежана Мељник и Милена Јаневска со своите дела – сподели Тарабунова.
Идејата за оваа изложба вели дека се родила откако решила да се посвети на проблемот со критиките упатени кон уметноста, начинот на изразување на еден уметник кон публиката што нема доволно познавање, а сепак знае да упати негативни критики само поради немањето желба да го разбере поинаквиот начин на изразување, како што некои милуваат да го насловат „несфатен“.
– Иницијативата е на Елена Кичевска, која ме поттикна да се пријавам на конкурсот објавен од Министерството за култура, па, така, на мое големо изненадување истиот тој беше одобрен и влезе во програмата за аудиовизуелни уметности за 2020 година за што сме горди сите ние осуммина, бидејќи имаме многу што да кажеме на темата, но поради ограничениот буџет на проектот, се одлучивме да се претставиме со по максимум две дела – вели Тарабунова.
Изложбата преку албум од делата ќе биде поставена на настанот за да може секој заинтересиран да купи парче уметност, бидејќи ќе биде од продажен карактер.
– Поентата на изложбата е да го опомениме заморениот граѓанин преку истакнување на една нова визија, од различна националност, обединети, да допреме до тој ментален хендикеп на одредени поединци што воопшто не ни сакаат да ги погледнат поразличните дела, а со тоа и да ги ослободиме од комплексите на инфериорната средина. Сметаме дека на овој начин некако ќе успееме да се избориме против помирливоста, преку слободата на говор и креативно изразување. Сакаме да постигнеме толеранција на мислата на другиот, тоа да ни стане важно, многу потребно за коегзистенција во современото македонско општество и естетски пресврт – додава Христина.