Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ потсетува дека е во тек распишаниот конкурс за доделување на наградата „Антево перо“, востановена во чест на творештвото на великанот на современата македонска поезија, Анте Поповски.
Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга на македонски јазик. Освен поттикнување на авторството на книги со поезија, основната мисија на оваа книжевна награда е стимулиурање на млади творци, но и афирмација и промоција на дострелите на младите поети кои создаваат и се остваруваат на македонски јазик. Организаторите се задоволни од динамиката на пристигнатите стихозбирки и досегашниот извонреден одглас, кој е добра најава за сериозна конкуренција, а можеби и за рекорден број на пријавени стихозбирки конкуренти за наградата. Поважно од бројот на пристигнатите поетски ракописи, што секако само може и треба да радува, е континуираното зголемување на учеството на творци од поновата генерација.
Репутацијата на манифестацијата која за само една година постоење уверливо се позиционираше на македонската поетска мапа, но и врвниот творечки опус на Анте Поповски, се доволен предизвик и за се разбира етаблираните творечки имиња, кои доставувајќи свои збирки, ставија на знаење дека го посакуваат ова поетско признание.
Поконкретни информации за конкурсните предиспозиции и условите за учество на конкурсот кој годинава ќе биде отворен до 25 август, во неколку наврати повторно ќе бидат објавени и повторени во периодот кој следува, а предвидено е детално запознавање на јавноста и со останатите бројни содржини што ќе ги понуди годинешната Меѓународна поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.