Бидејќи овој жанр не е доволно продуциран и застапен кај нас, со оваа претстава, не само публиката, туку и нашите пејачи, ќе можат да се запознаат со автентичен начин на изведба на барок
Барокната опера „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл премиерно ќе биде изведена вечерва, во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија, во организација на уметничкиот центар „Полифонија“. Операта ќе доживее концертна изведба и еден од ретките настани од ваков вид што во последниве години се случуваат на нашата музичка сцена.
„Полифонија“, инаку, e организација што дејствува на полето на културните и уметничките случувања, почнувајќи од 2003 година до денес. Таа зазема значајна улога во реализацијата на повеќе проекти од национален интерес, кои досега биле реализирани и поддржани од Министерството за култура, но и во реализацијата на проекти и надвор од границите. Во тимот на „Полифонија“ од почетоците беа музичките уметници Јанинка Невчева и Орце Ицковски, а сега е вклучена и реномираната виолинистка Сања Шуплевска.
– Идејата за овој проект произлезе како соработка на „Полифонија“ и ансамблот „Г.А.П.“ по нивното гостување со концерт на барокна музика во филхармонијата минатата сезона. Сметајќи дека овој жанр не е доволно продуциран и застапен кај нас, овој проект е токму затоа што не само публиката, туку и нашите пејачи ќе можат да се запознаат со автентичен начин на изведба на барок. Во исто време, овој проект е и мастер-класа за сите наши уметници што се вклучени во него, а е организиран и семинар во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во заедничка соработка и анализа на барокната музика, покрај овој проект, реализиравме и многу успешен Интернационален семинар за виолина и пијано во Охрид – вели Шуплевска.
Во „Дидо и Енеј“ се вклучени музички ѕвезди како македонскиот баритон Васил Гарванлиев, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени, канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва, која моментно пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, потоа еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија, како и ансамблот „Ин медиас рес“ на „Полифонија“.
Шуплевска истакнува дека со оваа премиера се отвора нова платформа на која ќе бидат презентирани ваков вид камерни дела. „Дидо и Енеј“ ќе се изведе како концертна опера, нешто што е практика во светот, да се доближи оперската уметност до пошироката публика.
– Вака се претставуваат и квалитетот на барокната уметност и приказната на операта на нашата публика. Љубовната приказна за Дидо и Енеј во едночасовна барокна опера напишана од најпознатиот англиски композитор на сите времиња – Хенри Персл, е заснована врз текстовите на римскиот поет Вергилиј. Претставата, која се смета за монументално дело на барокот, раскажува за љубовта на кралицата на Картагена, Дидо кон тројанскиот херој Енеј, нејзиниот очај кога тој ја напушта, темни ликови што ги мразат сите што се просперитетни, актуелни митови од времето на создавање на оваа, веројатно, до одреден степен алегорична опера. Во претставата се наоѓа и познатата арија „Дидоновото жалење“, која е една од најпопуларните лирски мелодии во оперскиот опус – вели Шуплевска.