Вториот дел од серијалот „Јас сум Миа“ насловен „Миа во Амстердам“ на младата авторка Јана Мишо ќе биде промовиран онлајн, вечерва, во 19 часот, на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Изданието пред сè е наменето за тинејџерската публика и е во издание на „Арс ламина – публикации“. Првиот како и вториот дел е фокусиран на дилеми и ситуации со кои се соочуваат денешните тинејџери.
– Приказната може да се чита без да го имаш прочитано првиот дел, затоа што има сосема нови, независни настани, со тоа што има ризик за откривање приказни од првиот дел. Овде Миа се учи да се потпре сама на себе, се соочува со дилеми што, иако се навидум едноставни во однос на комплицираниот надворешен свет, сепак, ја учат како да се запознае себеси, што мислам дека е вештина што секогаш ти се наоѓа во животот – вели авторката.
Приказната за Миа почна со колумните на Јана Мишо објавени на „Хаштаг.мк“, продолжи со првиот роман и секојдневно расте преку социјалните мрежи и во комуникацијата со обожавателите. Почна како интернет-сензација со епизоди, а се развива во комплетно книжевно дело. Ова е четврта книга на Јана Мишо, по „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ и првo нејзино издание за тинејџери.