Првата книга со рецензии на англиски јазик за современа македонска музика, кои наедно се објавени во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ на авторот Ненад Георгиевски, која е насловена „Прес енд плеј“, в понеделник, во 19 часот, ќе има онлајн промоција. Делото е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“ и од денеска ќе може да се најде во продажба.
Модератор на онлајн промоцијата ќе биде музичката новинарка Бранка Костиќ-Марковиќ, а покрај авторот Георгиевски, свој осврт на делото ќе дадат и уредникот Милан Дамјаноски и Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“.
„Прес енд плеј“ е составена од рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на изведувачи, меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Апелгрин, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез-фестивал“, „Офф-фест“ итн.
– Книгата претставува збир од мои текстови за македонската музичка култура што ги имам пишувано 15 години за „Ол абаут џез“. Се работи за рецензии на изданија и концерти на различни генерации македонски музичари. Со години, тие текстови претставуваа единствен увид за тоа што се случувало креативно на музички план во Македонија, но напишано на јазик и платформа каде што милиони читатели имале пристап. На неа гледам како на важен документ за современата македонска музичка култура – вели Георгиевски.
Уредникот Дамјаноски во својот предговор посочува дека кај авторот во изминатите 25 години, откако го познава, нема минато ниту еден ден што не бил поврзан или погоден од музика.