Од осми до 15 јуни во Прилеп ќе се одржи 53 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Ова денеска на прес конференција го соопшти уметничкиот директор и селекторот Катерина Коцевска, која истакна дека во официјална конкуренција ќе бидат прикажани 12 претстави.
Годинашни добитници на наградите за животно дело се актерот Петре Арсовски, кој на сцената на МНТ одиграл ликови во 52 претстави, 15 на други сцени, 77 во македонски филмови и серии и композиторот Љупчо Константинов кој напишал повеќе забавни композиции, како и над двестотини аранжамни и соработувал со голем број имиња од театарската уметност.
Фестивалот, соопшти Коцевска, ќе биде отворен на осми јуни со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во продукција на МНТ.
Во официјалната конкуренција ќе бидат и претставите „Клетници“ по Виктор Иго драматизација на Горјан Милошевски, режија Мартин Кочовски на театарот „Војдан Чернодрински“, Албанскиот ќе се претстави со „Жените“ од Роберт Томас, во режија на Ќендрим Ријани, штипскиот театар ќе ја прикаже „Бог на маскарот“ од Јасмина Реза, во режија на Нела Витошевиќ, додека Турскиот театар ќе настапи со „Крал Лир“ од Шекспир, во режија на Диего Де Бреа.
Независната театарска група „Артопиа“ пред прилепската публика ќе се претстави со „Ужегнатост“ од Иван Вискочил, во режија на Владимир Милчин, Театарот Комедија ќе ја изведе „Дони Дарк“ од Леонард Герш, во режија на Роберт Ристов.
Струмичкиот театар на фестивалот ќе настапи со „Царот Владислав“ од Борис Јанков, во режија на Бранко Ставрев, Театарот за деца и младинци со „Еднаш свет изградив“ по романот Сидарта, во режија на Јане Спасиќ.
Драмскиот театар – Скопје ќе ја прикаже „Лет над кукавичјото гнездо“ од Дејл Васерман и Кен Киси, во режија на Ристо Алексовски, додека велешкиот театар ќе ја изведе„Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана, во режија на Дејан Дамјановски, а битолскиот театар ќе настапи со „Доктор фауст“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андраш Урбан.