Театарот што работи во рамките на Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, во Центарот за култура во Кичево, денес ја изведе новогодишната драмска претстава за деца „Рибарот и златната рипка пловат до Лапонија“.
Оваа претстава е работена на оригинален текст на големиот руски писател А.С.Пушкин, а режисер на претставата и воедно и носител на една од главните улоги беше Микица Илова.
-Претставата „Рибарот и златната рипка пловат до Лапонија“ раскажува за желбата да се биде поинаков, истовремено раскажува за алчноста и покорноста, за на крај поентата да ја извлече во добрата мисла на главните ликови во претставата на радост на сите. Дедо Мраз и неговата придружба се тука да дадат полн придонес кон свечениот момент посветен на радоста што ја носат Новогодишните и Божиќните празници – вели Маја Николоска Сиљаноска од Центарот за култура.
Главните улоги во претставата ги толкуваа покрај режисерката Микица Илова и Диме Карески, Розе Милкова, Александар Стојанов, Тања Иванова и други. Задоволството на младите беше големо и презадоволни од претставата со громогласни аплаузи ги поздравија актерите на оваа драмска претстава. З.А.