На иницијатива на Интернационалниот театарски институт-ИТИ на УНЕСКО во театрите низ светот денеска се прославува Светскиот ден на театарот и пред почетокот на претставите се читаат пораките – национална и светска порака, напишани од актери, драмски автори, режисери, продуценти.
Одбележувањето на овој ден е иницирано на 9. Светски конгрес на ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година, а од наредната година тој почнал да се слави на 27 март – датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз.
Светскиот ден на театарот денес на различни начини се одбележува од речиси сто национални центри на Интернационалниот театарски институт ИТИ, кој е основан во 1948 од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности.
ИТИ настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање со цел да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите. Настаните што низ светот се организираат на Светскиот ден на театарот се обид да се остварат тие цели.
Интернационалната порака се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот. Автор на првата меѓународна порака во 1962 година бил францускиот писател, сликар и режисер Жан Кокто.
Од 1997 Македонскиот ИТИ центар го одбележува Светскиот ден на театарот и со македонска порака. Неа годинава ја напиша актерот и стендап-комичар Сашко Коцев кој, меѓу другото, порача дека е неопходна демистификација на театарот и дека Светскиот ден на театарот е одличен повод токму театарските дејци да ги симнат маските од нивните лица и да проговорат за вистината.
– Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои нѐ натерале да се бавиме со оваа професија. Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица – наведува Коцев во пораката.
Поради 70-годишниот јубилеј на ИТИ УНЕСКО (1948-2018) оваа година наместо една има пет светски пораки од луѓе од театарот од пет континенти – претставници на регионалните центри на ИТИ. Автори на пораките се: Сабина Берман од Мексико, Сајмон МекБарни од Велика Британија, Маја Збиб од Либан, Рам Гопал Баџаџ од Индија и Вере Вере Лајкинг од Брегот на Слоновата Коска.
Македонскиот народен театар вечер по повод Светскиот ден на театарот бесплатно за посетителите ќе ја изведе претставата „Силјан штркот шанца“ од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
Турски театар-Скопје својата нова претстава „Среќна нова година“ по мотиви на Даниил Хармс и Дејвид Ајвс и во режија на Бојан Трифуновски ќе ја изведе во Штип, а Театар Комедија со премиерата на „Не сега, драга“ од Реј Куни во режија на Коле Ангеловски воедно ќе го одбележи и својот шести роденден.