Со свечен концерт што вечерва се одржа во големата сала, беше одбележана 40-годишнината од почетокот со работа на центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. На почетокот од свеченоста, присутните ги поздрави директорот на центарот, Мазлам Османи.
– Со свечениот концерт што вечерва го организиравме, одлежуваме 40-годишен јубилеј од почетокот со работа на центарот за култура „Кочо Рацин“. Можеби јас најмалку имам право да зборувам за работата на центарот во изминатиот период, бидејќи на ова место сум неполни три години. Но, ќе потсетам дека во изминатите четири децении низ домот продефилирале голем број на дејци од културата, кои на свој начин се вградиле во културниот развој на нашиот град и самиот центар. Премалку има време и простор да ги наброиме сите оние кои придонеле за неговиот раст и развој, истиот да се претвори во она што е денес, вистински храм на културата – истакна директорот Османи.
Во програмскиот дел повеќе нумери изведе гудачкиот оркстар, а програмата ја збогатија и тандем изведувачи на кавал, млади инструменталисти на хармоника и многу други. Целокупниот концерт беше вистинско доживување за присутните во салата.
Наскоро ќе излезе од печат и монографија, во која детално ќе биде опфатена целокупната хронологија од почетокот со работа на центарот и лицата кои низ годините оставиле неизбришливи траги во неговата работа.
Инаку целокупната свеченост протекна во склад со протоколите за заштита од ковид-19. З.А.