Фото: Маја Јаневска-Илиева

Врачени наградите за краток расказ на „Нова Македонија“

Ценејќи го првенствено квалитетот на пристигнатите раскази на годинашниот Конкурс за краток расказ ги избравме најдобрите автори за годинава: Петре Димовски за „Во трка за животот“, Симона Јованоска за „Последниот кат“, Ленче Милошевска за „Пештер“, Тони Попов за „Гугутки“, Лилјана Пандева за „Дупка“ и Емилија Гиноска за „Ентелехија“, на кои вчера на свеченост во кафулето „Капри“ им беа врачени наградите. На настанот беше нагласено дека секој од шесте избрани раскази носи различен и видлив авторски белег со раскажувачка умешност да се доловат атмосферата и ликовите, а настанот што се опишува да се збогати со слоевитост на раскажувањето.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот на конкурсот, писателот Александар Прокопиев за квалитетот на пристигнатите раскази и за наградените на овој конкурс рече дека по едно читање и во неколку етапи, бројот на добрите раскази се смалувал за на крајот да дојде до дваесетина раскази, кои ги задоволиле сите критериуми на добро напишан расказ: чувство за форма, дијалози, убав јазик, духовитост, што особено ѝ се допаднало на комисијата.
– Ако говориме за развој на некои квалитети на расказите, оваа година тоа беше духовитоста. Многу храбри во својата смисла за хумор, раскази што не го штедат времето во кое живееме, напротив и она што се случува во овие години, но и она што се случува внатре во авторскиот свет, што е многу тешко умешно и вешто да се направи на три странички – укажа Прокопиев.

Според Весна Дамчевска, дел од комисијата и уредничка на културната рубрика во „Нова Македонија“, Конкурсот за краток расказ е можност за излегување од анонимност на младите автори, но и потврда за веќе афирмираните писатели од чие мајсторство сѐ уште може да учат нивните следбеници.
– Бројката од близу двесте ракописи пристигнати годинава, а имајќи предвид дека таа е релативно константна низ годините, е убава потврда дека ние Македонците навистина сме пишувачка нација. Секоја година одново сме изненадени од огромниот интерес на помалку или повеќе познати автори што се пријавуваат на конкурсот со свежи и нови идеи, многу од нив задоволувајќи ги критериумите на издржана наративна структура и вештина во изразот – рече Дамчевска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Александар Димковски, рече дека оваа манифестација на некој начин е заокружување на големиот јубилеј што го одбележува весникот – 75 години од излегувањето на првиот број.
– Да се опстои 75 години во еден период на премрежиња, на бури, на искушенија, на неизвесности на какви што биле изложени македонскиот народ и држава, но притоа секојпат да се остане на патот на вистината, на страната на граѓаните, на јавноста, тоа е навистина одговорна и макотрпна задача, би рекол своевиден подвиг. Тоа е наш подвиг, меѓутоа и на сите оние што на некој начин биле вклучени и се дел од „Нова Македонија“, ја читаат и ја следат – рече Димковски.

Наградените автори се заблагодарија за признанијата и го искажаа своето задоволство од постоењето на овој конкурс. Првонаградениот Петре Димовски веќе неколкупати бил добитник на награда на овој конкурс, Ленче Милошевска му честиташе на весникот за јубилејот и се потсети на времињата кога таа била дел од културната редакција на весникот, а Лилјана Пандева токму во „Нова Македонија“ пред повеќе години ја имала својата прва објава. На Симона Јованоска и на Емилија Гиноска, како претставнички на поновата генерација автори, се надеваме дека овие награди ќе им бидат дополнителен мотив за натамошно создавање. На свеченоста не присуствуваше Тони Попов, награден за расказот „Гугутки“, но го пренесе своето задоволство од веста за наградата.
Редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда во дневниот весник „Нова Македонија“.
К.Р.

Фото: Маја Јаневска-Илиева