Издавачката куќа „Антолог“, во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“, ја објави книгата „Потекло“ од босанско-германскиот автор Саша Станишиќ. Ова е третиот роман на Станишиќ, добитник на најзначајната германска книжевна награда „Дојчер бухпрајс“ за 2019 година, кој е вонсериско дело што освојува на прво, второ и на секое следно читање. Авторот раскажува за своето детство во родниот Вишеград, созревањето во германскиот Хајделберг и доаѓањето во посета кај својата болна баба во Босна. Ова е роман на сеќавања и спомени, во кој писателот сопственото искуство го преплетува со семејни анегдоти, градејќи ја одново приказната за своето семејство.
– За разлика од други постјугословенски автори што ја создаваат својата книжевност во тесните, зададени рамки на идентитетскиот кафез, Станишиќ сам отвора рамки и дефинира идентитети – коментира во својата рецензија за романот познатиот книжевник Миљенко Јерговиќ.
Саша Станишиќ (1978) е босанско-германски писател. Роден е во Вишеград oд мајка Бошњачка и татко Србин. Во 1992 година пребегуваат во Германија. Студирал славистички студии во Хајделберг. Со првата книга дебитира во 2006 година. Добитник е на голем број награди и преведен е на триесетина јазици. За „Потекло“ ја добива најзначајната книжевна награда во Германија, што од него прави книжевна ѕвезда.
Во изданието на „Потекло“ на македонски јазик преводот од германски е дело на Елена Конеска Светиева, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, Министерството за култура и книжевната мрежа „Традуки“.