„Македоника литера“ го објави романот „Ги изеде дождот“ на Жарко Милениќ, во превод од хрватски јазик на Анета Пауноска. Романот почнува да ги следи настаните во едно провинциско гратче (Букач), кое е на работ на провинцискиот разум, а завршува во истото гратче сега со друго име (Диклиќево), кое се оттргнало од работ на разумот и сега пропаѓа некаде длабоко, длабоко…
– Колку и да е суров во тоа и колку и да боли вистината што ја изнесува авторот, толку романот е и духовит и забавен. Дијалозите се многу реалистични и повеќето од нив може да се сместат во т.н. секојдневни приказни. Ликовите (обично со постапките) се многу мунициозно опишани и така доближени до потенцијалниот читател. Структурата на романот е доста динамична, се менуваат сосема кратки раскажувачки отсечки, во кои истовремено доминираат духовитоста и иронијата. За реалноста во романот на Милениќ може да се каже дека е повеќе искривена отколку фантастична – пишува хрватскиот критичар Зоран Маљковиќ,
Жарко Милениќ (1961 г.) магистрирал руска книжевност и компаратистика на Националниот истражувачки универзитет во Москва, каде што е докторанд. Живеел во Осиек и во Риека, а сега живее во Брчко и во Москва. Автор е на повеќе од триесет прозни дела, повеќето романи, четири книги со раскази, исто толку стихозбирки, како и на две книги со критички текстови и една есеистичка, а приредувач е на антологиски и тематски избори.