Издавачката куќа „Арка“ од Смедерево, деновиве објави два тома книги посветени на македонската поезија и проза од познатиот српски книжевен критичар Душан Стојковиќ, со наслов „Поетските стебла на македонската лирика“ и „Македонската проза на српски јазик“. Во нив, како што посочува во својата рецензија македонскиот писател и книжевен критичар Санде Стојчевски, има комплетни податоци и информации за одделни книжевни етапи и периоди, како и за авторите и нивните дела.
– Од перото на познатиот српски книжевен критичар Душан Стојковиќ досега се излезени обемни аналитички студии за дела од македонски автори преведени и објавени на српски јазик, главно од академик Ристо Василевски. Душан Стојковиќ редовно промовира новопојавени наши дела во Србија, ја следи современата книжевна продукција во Македонија, ги коментира актуелните книжевни случувања кај нас. Импресионира податокот дека во два тома критички текстови, посветени на македонската поезија и на македонската проза, овој врвен критичар, со голема акрибија и компетенција, испишува повеќе од осумстотини (и со бројки – 800) страници анализи и толкувања на достоинствата на македонската литература. Стојковиќ објавува и повеќе студии во кои го проследува развојот на македонската литература, се задржува и врз процесите и врз најзначајните периоди на нејзиниот подем. Оттука, и анализите што ги посветува на одделни автори и дела се доживуваат во нивната втемелена дијахрониска линија.
На тој начин „приказната“ за сложеноста, спецификите и богатството на нашата литература што низ својата критичарска оптика ја „раскажува“ овој суптилен и инвентивен критичар е далеку од претпоставката дека тука се гледа низ призмата на блискоста и поддршката, туку очигледно станува збор за една непотправена возбуда од книжевниот ранг, од творечкото љубопитство и од стручното препознавање на несомнени книжевни специфичности и високи достоинства на делата и на авторите од самиот центар на нашиот книжевен живот. Љубопитниот читател во Србија во овие два тома посветени на македонската поезија и на македонската проза ја има можноста да добие вистинско богатство од информации за книжевните заводливости на делата од нашите мајстори на литературната уметност. Голем број страници им се посветени на песните на Кочо Рацин, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Радован Павловски, Јован Котески и на уште неколкумина врвни претставници на современата македонска поетска мапа од сите генерации. Со исто внимание авторот ѝ пристапил и на македонската прозна продукција, толкувајќи ги делата на Блаже Конески, Славко Јаневски, Живко Чинго, Димитар Солев, Петре М. Андреевски, Божин Павловски, Димитар Башевски, Митко Маџунков, Венко Андоновски, Трајче Крстески, Блаже Миневски, сè до најмладиот Гоце Смилевски. Не е одмината и македонската драма. Објавени се посебни огледи за драмите на Горан Стефановски, на Јордан Плевнеш, како и за драмското творештво на неколкумина драмски автори од помладите генерации.
Посебна вредност претставува целосниот попис на одделните прилози од македонски автори што во текот на последните десетлетија се објавувани во српската книжевна периодика. Претставени вака, на едно место, овие податоци се сведоштво за континуираниот интерес што кај книжевната јавност во соседна Србија постои за вредностите што ги создаваат современите автори во Македонија.
Секако дека импресионира обемот посветен на македонската литература, но од уште поголемо значење е ставот што авторот Душан Стојковиќ, со извесни стилски варијации, го нагласува на крајот од овие два тома. Имено, тој особено го истакнува своето определување и натаму да продолжи да се занимава со стојностите што ги создаваат современите поети во Македонија, па во врска со томот посветен на поезијата додава: „Убеден сум дека оваа книга нема да биде мое збогум со македонската поезија. Пристигнуваат нови поети и нивните збирки ќе бидат преведени. Би требало да се напишат есеи за одделни теми присутни во поезијата на поголем број македонски поети и за неологизмите во нивната поезија.“ Нешто слично изјавува и во врска со македонската проза: „Делата на македонските прозаисти што последниве години се преведени на српски јазик претставуваат голем предизвик.
И пред тие нови дела нема да се молчи, и тие нема да бидат одминати“. Еве го во една реченица, впечатокот, всушност еве ја оцената за вредностите на македонската литература на еден компетентен критичар, кој очигледно долги години ги истражувал и ги толкувал специфичностите на нашата книжевност: „Работата на овие две книги ме увери во она што и порано го претпоставував: дека македонската литература спаѓа не само меѓу најзанимливите туку и меѓу најдобрите во Европа“ – вели меѓу другото Санде Стојчевски во својата рецензија со наслов „Темелен прочит на македонската литература“ за делата на Душан Стојковиќ, „Поетските стебла на македонската лирика“ и „Македонската проза на српски јазик“.