Новата книга на Александар Прокопиев, со наслов „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“, излезе деновиве, во издание на „Авантпрес“ од Скопје. Автор на поговорот е Ацо Пероски, кој истакнува дека, како и секое исклучително книжевно дело, „Антиупатства за лична употреба“ на Прокопиев тешко може да се опише накратко, но затоа е многу лесно надолго и нашироко да се препорачува како врвен деликатес за секој читател, особено за љубопитните за книжевните експерименти, жанровските игри, пресвртувањето на конвенциите.
Книгата, всушност, е книжевен проект што излегува од вообичаените рамки на книжевно дело што се објавува во едно издание и, евентуално, ако има среќа, доживува едно или повеќе следни реизданија. Имено, антиупатствата се дело што се проширува и се збогатува онака како што се проширува биобиблиографијата на авторот. Во таа смисла, антиупатствата се, веројатно, интимна и фрагментарна автобиографија на Прокопиев, која со текот на годините се дополнува и проширува.
Неговите антиупатства редовно излегуваат на страниците на прилогот ЛИК во „Нова Македонија“, а во книгата се опфатени хронолошки. Книгата само навидум е некохерентна збирка на собрани записи, скици, раскази, песни, хаику, афоризми, есеи, досетки, сеќавања, а всушност е мошне кохерентен текст, и тоа не само во тематскиот и содржинскиот сегмент туку и на сите нивоа од кои се состои една книга.
– Пренесени преку смелото, ерудитно и многупати умножено јас на авторот, сите 222 антиупатства се книжевни приказни за книжевноста, поттикнати од една бескрајна фасцинација од литературата, за која е малку да се нарече само љубов – вели Пероски.