Неодамна, издавачката куќа „Слово“, во својата позната едиција „Логос“, а во превод на Кристина Димовска, ја објави студијата „Флуиден страв“ од Зигмунт Бауман. Пред оваа, „Слово“ објави уште две студии од овој автор – „Флуидна љубов“ и „Флуидни времиња“.
Зигмунт Бауман (1925 – 2017) беше современ полски социолог и влијателен филозоф. Беше емеритус-професор по социологија на Универзитетот во Лидс. Неговите брилијантни согледби за флуидната модерност го изменија начинот на кој размислуваме и го доживуваме современиот свет. Во оваа своја книга, студијата „Флуиден страв“, Бауман ги истражува, ги испитува и се обидува да ги објасни изворите и причините за стравот што го проникнува животот во еден глобализиран свет и со тоа на читателот му дава концизен увид во темите и проблемите присутни и во неговите претходни книги посветени на флуидниот живот и воопшто, на флуидното општество.