Деновиве е објавена збирката драмски текстови „Драми (трудници/тајни)“ од писателката Габриела Стојаноска Станоеска, во која се обработуваат современи и секогаш актуелни теми.
– Во драмите се отвора дел од општочовечките хумани теми што се поретко третирани во книжевноста и на театарските сцени. Откривањето на табу-темите може да се согледа и преку наведување на самите локации на кои се одвиваат дејствата – вели авторката.
Според Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, драматург, текстовите се многу смели и без трошка ублажување и на најавтентичен можен начин прикажуваат голем број проблематични аспекти на нашето време.
-Авторката мајсторски навлегува во најинтимните човекови чувства и со неверојатна прецизност ги доловува најсуптилните нијанси на тие чувства: сите раскошни бои на тагата, радоста, лутината, љубомората, среќата, исчекувањето, неспокојството… Откако ќе ги прочитаме овие текстови, ни станува јасно дека сме преживеале цел еден непредвидлив и турбулентен „тобоган на чувства“. – вели Митоска Ѓорѓиевска.
Габриела Стојаноска-Станоеска, која има магистрирано на катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет, претходно ги има објавено збирките раскази: „Гола“ (2007)“, „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“, научната студија „Кусиот расказ и сонот“. Главнa уредничка е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.