Поетската збирка „Форми во создавање“ на Љубица Шопова, деновиве излезе од печат во издание на „ПНВ Публикации“.
Ова е прва збирка на Шопова.
– Поетскиот првенец на Љубица Шопова, насловен „Форми во создавање”, претставува концептуално доследно осмислено, поетички зрело и мајсторски заокружено поетско остварување. Во секоја песна на Љубица Шопова се излегува од „зоната на комфорот” на готови и испробани поетски формули – вели за книгата Владимир Мартиновски.
– Она што плени во дебитантската стихозбирка на Љубица е тоа што сѐ што е напишано е тука за да се создаде, за да излезе, да се испили од големиот облак што наутро ѝ цеди кафе, на средбата со себеси. Низ песните, Љубица ја раскажува прогнозата за животот, преку силните (раз)врски со семејното јадро, мајчинската топлина, ритуалите со таткото, врската со она што е внатре, во домот, но и предизвикот свртен кон надвор, кога времето истекува низ годините. Притоа, темите се како месо, крв и роботика – песните функционираат на ниво со современото употребување социјални медиуми, компјутери, алатки што го поврзуваат човекот со иднината, со она што е форма на ново создавање, нова креација – објаснува рецензентката Ана Голејшка Џикова.
„Форми во создавање” е достапна во книжарница „Три“ во ГТЦ и во „Литература.мк“ на улица Македонија.