Од печат излезе антологијата „Игропис“ во издание на здружението за развој и едукација на културата и уметноста „Фуснота“. Приредувачка на книгата е Драгана Евтимова, а изработката на корицата и цртежите се на Владимир Лукаш. Во антологијата „Игропис“ се застапени 22 македонски поети, а дел од нив беа учесници на меѓународниот проект „Шири поезија, не страв“. Kнигата е финансирана од Министерството за култура.
Антологијата „Игропис“ е обид да се направи хибридна форма на книга, каде што сликата се обидува да се соедини со зборот. Овој вид медиум-порака е начин да се направи вкрстена естетска вредност, еден вид социјален експеримент, што претставува метафора за различни предмети со вкрстено значење, како на пример: визит-карти, бонови, покани за свадби, летоци со рекламна содржина, лажни банкноти, свитоци за молитва, поштенски дописи, делови од сложувалка и слично.
– Која беше целта за создавање на ваквиот тип антологија? Преку поезијата на различни автори целта е да се изрази и развие свеста за медиум-порака, односно да презентира лична приказна. Цртежите се минијатурни реконструкции на Владимир Лукаш да се направи вкрстена конструкција за соединување порака. Овој социјален експеримент има цел да експериментира со различните ракописи и да создаде свест за вкрстено читање различни текстови преку цртеж. Авторите што се застапени во антологијата се од различна генерација. Целта е промовирање на поезијата, надвор од границите на обичното секојдневно читање поезија. Литературата е социолошки феномен и може да излезе надвор од границите на естетската вредност – вели издавачот.