Државниот музеј во Амстердам на интернет ја објави најдеталната фотографија досега направена од сликата „Ноќна стража“ на Рембрант, на која се гледаат секое движење на четката и секоја случајна капка боја. Таканаречената хиперрезолуција фотографија беше објавена откако музејот најави одложување на комплетирањето на реставрацијата на сликата, кое беше почнато минатата година и се пренесуваше во живо до глобалната публика.
Сликата од 44,8 гигапиксели, составена од 528 различни фотографии, им овозможува на гледачите да зумираат и да го испитаат секој дел од огромното платно. Фотографијата е креирана за време на процесот на реставрација, за да им овозможи на реставраторите да ја гледаат сликата и да го следат процесот од дома или од друга локација, како и да го следат влијанието на стареењето.
– Истражувачкиот тим на „Операцијата ноќна стража“ ги користи најновите технологии и постојано ги поместува границите на она што се смета за можно. Фотографијата е клучен извор на информации за истражувачите, а посетителите на интернет може да ја користат за да му се восхитуваат на ремек-делото на Рембрант во деталност – вели Тако Дибитс, директор на музејот.
Тимот од 12 уметнички реставратори, собран во рамките на специјално конструираната стаклена комора од седум квадратни метри, ја почна својата работа на реставрацијата „Операција ноќна стража“ минатиот јули. Но, поради рестриктивните мерки и физичкото дистанцирање, оригиналната временска рамка за реставрација на сликата не може да се испочитува.
– Првичниот план беше да се почне втората фаза по летото 2020 година, но ова веќе не е можно. Сега тоа ќе се случи во почетокот на 2021 година. Протоколот за работа во стаклената комора е ревидиран во согласност со упатствата утврдени од Владата. Како резултат на тоа, за да се осигури дека е можно да се одржи минимално физичко растојание од 1,5 метар, не повеќе од две лица ќе работат на сликарството во кое било дадено време – се вели во соопштението на Државниот музеј во Амстердам.
Реставрацијата на „Ноќна стража“ продолжува повторно оваа недела, по пауза од неколку седмици, поради коронавирусот. Државниот музеј се отвори на 1 јуни, но вообичаениот капацитет за 10.000 посетители на ден е намален на 2.000 за да се овозможи физичко растојание.