Младиот македонски поет Филип Димкоски неодамна имаше две претставувања на бугарското издание на неговата книга „Во градината има само љубов“. Првата средба се случи во понеделникот во средното училиште „Иван Вазов“ во Софија, каде тој се сретна со учениците љубители на поезијата и филозофијата и со нивните наставници по бугарски јазик и по филозофија. Во ова училиште средбите со Димкоски веќе стануваат традиционални, а од 2016 година неговата песна „И каменот има душа“ се анализира и се обработува на часовите по филозофија и по бугарски јазик.
– Учениците овојпат кажаа дека не сакаат да поставуваат многу прашања, туку дека едноставно сакаат да слушаат поезија. Сосема ме изненади тоа оти во ова училиште добивав многу прашања. Оваа нивна изјава многу ме усреќи. Им благодарам на учениците и на наставнците Виолета Инева и Илија Григоров – рече Димкоски, по промоцијата.
Втрата промоција, пак, се случи истиот ден во Народното читалиште „П.К. Јаворов“, исто така во бугарската метропола, кое дејствува на полето на културата уште од 1920 година. Во пријатна атмосфера исполнета со книги и убава енергија од почитувачите на поезијата, Димкоски рецитираше своја поезија, а за него говореа препејувачката Палмира Никленова, рецензентката на книгата, бугарската авторка Ина Крејн и писателот Димитар Никленов од издаваштвото „Палмира“, кое досега објави две книги на бугарски од Филип Димкоски. Промоцијата заврши со аплаузи, комплименти, коментари и дискусии, со колачиња и со вино.
Бугарското издание на книгата „Во градината има само љубов“ објавено е во мај и промовирано во Стара Загора, издавач е издателството „Палмира“, песните ги препеа Палмира Никленова, уреник е Димитар Никленов, корицата е на Кристијан Јованоски, предговорот го напиша Александар Димкоски, а рецензенти се Ина Крејн, Снежана Алексиќ Станојловиќ, Гордана Попсимонова и Васил Тоциновски.
Следната година поетската книга „Во градината има само љубов“ се очекува да има нови претставувања во Казанлак и на други места во Бугарија, а издавачот најави и објавување на нова книга од Димкоски на бугарски јазик.
Неодамна поезија на овој мадл, амбициозен автор беше објавена на српски јазик на порталот „Поента.нет“ и на словенечки јазик во првата електроснка книжевна ревија во Словенија, „Лоцутио“, во препев на Здравко Коки Кокановиќ. Се очекуваат нови објави на руски и на црногорски јазик, а за следната година Димкоски ни откри дека подготвува поетско-музички перформанси за македонската публика.