Да се чуваат сеќавањето и творештвото на бардовите на македонската книжевност е обврска на секој од нас, поради што неодамна „Арс ламина – публикации“ реобјави дела на Петре М. Андреевски, а по повод неговиот роденден, 25 јуни, тимот на издавачката куќа го посети и неговото родно место Слоештица и му оддаде почит.
Во селото има патокази што насочуваат кон клучни места поврзани со писателот Андреевски. Уште на влезот стои дрвена табла со ликот на Петре испишана со зборови од кои е составено неговото творештво и кои се препознатливи за неговите дела. Изработен е од неговата внука Воскресија Андреевска, која наедно ги креираше и илустрациите за делата на Петре М. Андреевски, објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“.

– Последната станица на нашата посета беше неговата вечна куќа. Неговиот син и уметник, Сергеј Андреевски, ни откри дека Петре го споделува ова почивалиште со Велика, неговата хероина од романот Пиреј. Авторот и неговиот лик соединети – сознание што предизвикува морници. Покрај гробот исправена стои статуа со неговиот лик. Ја изработил негов пријател скулптор уште додека бил жив. Кога ја видел, се доживеал како да се огледува во огледало. Наместо цвеќе, како роденденски подарок му ги донесовме најновите изданија на неговите дела, реанимирани со цртежите од неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска и сработени со посебна почит како што зограф создава нечиј свет лик. И токму таму, се заветивме дека ќе ги чуваме од заборав ликот и делото на неговото величие, Петре М. Андреевски – велат од тимот на „Арс ламина“.

Периодов во продажба се најдоа: првите две изданија од едицијата, романот „Тунел“ и во едно издание расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“, потоа (во едно издание) незавршениот и последен роман на Андреевски, „Бежанци“ и збирката песни „Јазли“, и стихозбирката „Лакримариј“. Од вчера можат да се купат и романот „Последните селани“ и стихозбирката „Дални наковални“, а во периодот што следува, ќе бидат достапни во продажба и преостанатите дела: романот „Скакулци“ и стихозбирките „И на небо и на земја“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена и поетската збирка за деца „Шарам барам“.

Од издавачката куќа најавуваат и проширување на едицијата „Македонски книжевни класици“ со нови дела од македонски писатели, кои ги афирмирале македонскиот јазик и македонската книжевност и со нивните творби и нивната дејност нè задолжиле да го зачуваме создаденото и да ја продолжиме нивната мисија.