Годинава во фокусот е театарот што се занимава со распадот на заедницата на сите нивоа и можноста за нејзина обнова
Во главната програма на годинешното, 53. издание на театарскиот фестивал „Битеф“, кој ќе се одржува од 17 до 26 септември во Белград, ќе бидат изведени 12 претстави од Белгија, Бразил, Германија, Нигерија, Словенија, Србија, Франција, Хрватска и од Швајцарија. Тематскиот фокус ќе биде ставен на театарот што се занимава со распадот на заедницата на сите нивоа (од политички до партнерски) и можноста за нејзина обнова.
„Битеф“, како што пренесе белградски „Данас“, ја продолжува својата традиција на изведување претстави надвор од театарските простори, на локациите што обично не се наменети за тоа, а целата втора половина од најавените содржини ќе биде изведена во халите на пристаништето „Белград“. Една од претставите од овој сегмент, за која владее посебен интерес, е проектот „Неморални приказни, 1 дел: Куќата мајка“ во чии рамки е најавен и настапот на француската концептуална уметница и перформерка Фија Менар, која има искуство и со работа со циркус. Менар оваа своја перформанс-инсталација ја креирала во соработка со Жан-Лик Божол, а по нарачка на една од најголемите ликовни манифестации во Европа, „Документа“. Со неа, во пристаништето ќе биде отворен вториот програмски сегмент, каде што претставите ќе се изведуваат од 22 до 26 септември.
Фија Менар, која во претставата е целосно сама на сцената, речиси во природна величина гради конструкција од картон, која претставува антички храм и која почнува да се поплавува со вода и пропаѓа во оној момент кога е завршена. Многу директната сценска метафора на распадот на основите на западната цивилизација е збогатена сo исклучителни изведувачки квалитети и силно сетилно и емоционално дејство, кое предизвикува борба на човекот со материјалот и уништување на резултатите на човечката работа, што „Неморални приказни, 1 дел: Куќата мајка“ ја вбројува, како што е и најавено, меѓу најспектакуларните претстави што ќе може да ги види публиката на 53. „Битеф“.