Секоја Нова година првата (музичка) асоцијација, за многумина, е валцерот „На убавиот син Дунав“ од Јохан Штраус Помладиот (1825-1899). Нѐ разгалува, нѐ радува, ни побудува убави празнични чувства. Маестралната Виенска филхармонија секоја година, на крајот на првојануарскиот концерт, ни го дава валцерот како подарок. Тој е неофицијалната втора химна на Австрија. Го знаеме сите, од тон до тон… Но малкумина ја знаат неговата историја.
Во 1865 година хор-мајсторот на Виенското машко хорско здружение порачал од Штраус хорско дело. Зафатен со другите композиции со кои се занимавал во тоа време, Штраус се оглушил од порачката и не ја напишал хорската композиција. Следната година Австрија и Прусија влегле во седумнеделната војна, која ја оставила Австрија во лоша економска ситуација, а народот во депресивно расположение и душевен колапс. Тогаш Штраус бил поттикнат претходно порачаното хорско дело да го напише како ведар и радосен хорски валцер. Штраус добил инспирација од една поема на Карл Исидор Бек (1817-1879) во која секоја строфа завршувала со зборовите „На Дунав, на прекрасниот син Дунав“. Решил да напише валцер за реката што, за волја на вистината, ни тогаш не била сина ни пак во тоа време течела низ Виена. Но валцерот бил весел и им го подигнувал духот на виенчаните. Еден од членовите на хорското здружение, извесен Јозеф Веил, напишал стихови со хумористична нишка и во нив се потсмевал на војната и пустошот што го оставила зад себе. Млаката праизведба била причина Штраус да се подразмисли околу квалитетот на валцерот, но сфатил дека тоа било резултат на недоволно добриот текст, а не на лошата музика.
Затоа решил да го преработи валцерот во оркестарска композиција, кој го праизвел во Париз на крајот на 1867 година, на отворањето на Светската изложба, каде што валцерот блеснал во својот полн сјај, онаков како што го знаеме денес. На изменетата хорска верзија (преаранжирана за хор и оркестар) ѝ се вратил пет години подоцна, на своето деби во САД. На прославата по повод Светскиот ден на мирот диригирал со импозантен ансамбл составен од 2.000 оркестранти и 20.000 хористи.
Сетете се на приказнава за време на концертот на први јануари. Среќна Нова година!
Ве сака вашата музичка раскажувачка,
Лада Шоптрајанова Петровска